Со дефиле по Широк Сокак и со изведба на традиционалното оро „Комитско“, синоќа во Битола почна 45-то издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Фестивалот „Илинденски денови“ е синоним за доследно чување на автентината фолклорна традиција. Тоа се важни денови во агендата на секое културно уметничко друштво во Македонија и дијаспората, истакна пратеникот Зоран Илиоски кој во име на покровителот – Собранието на Република Македонија, го отвори фестивалот на фолкорот во Битола.
– Не случајно овој фолклорен фестивал се одржува во очи на големиот и најсвет македонски празник Илинден. Фестивалот „Илинденски денови“ во Битола е главниот столб кој го крепи сводот на македонската традиција. Тоа е важен меѓународен фестивал со богати програмски содржини, фестивал кој најдоследно и највистински ја претставува Македонија и големата Гоцева идеја за светот како поле за културен натпревар меѓу народите, истакна Илиоски. Ги поздрави присутните гости и посебно македонците иселеници кои како што рече во Битола доаѓаат од сите светски меридијани, пред многу години се откорнале од родните огништа, но не ја забораваат македонската традиција и секоја година се значаен дел на фестивалот „Илинденски денови“.
Во името на градот домаќин, учесниците на фестивалот ги поздрави градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, а во името на организаторот НУ Центар за култура-Битола, пригодно обраќање имаше директорот на таа установа Борче Димитровски, и притоа и двајцата ја потврдија поддршката на идејата на основоположниците на фестивалот која датира од1971 година.
Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ продолжува со втората фестивалска вечер на која ќе настапат културно уметничките друштва „Бисер“-Кичево, „Весели пензионери“-Пробиштип, „Илинден“-Демир Хисар, „Ѓура Мара“-Миравци, „Дримкол“-Вевчани, „Цветови“-Дедино, „7-ми Септември“-Македонски Брод, „Гоце Делчев“-Битола, и „Копачка“ од село Драмче-Делчево. Во ревијалниот дел ќе настапат фолклорниот ансамбл „Дорулетул“ од Тулчеа, Романија, фолклорниот ансамбл од Биалисток-Полска и КУД „Севдах“ од Врање-Србија.