ДЕНЕСКА ЗАПОЧНА ФЕСТИВАЛОТ БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД 2015, ВО САБОТА ПАРТИБРЕЈКЕРС НА ШИРОК СОКАК

Денеска во Битола започна меѓународниот арт фестивал “Битола отворен град 2015” во организација на Младинскиот културен центар Битола. Фестивалот до 27 јуни донесува повеќе културни настани меѓу кои и главниот музички хепенинг на големата сцена под отворен небо, на Широк сокак во сабота (27 јуни), кога премиерно во Битола настапува белградскиот бенд “Партибрејкерс”.

“Публиката која традиционално во голем број доаѓа на фестивалот “Битола Отворен град” на 27 јуни ќе има можност да го проследи настапот на легендарните “Партибрејкерс” заради чии експлозивни настапи се бенд кој што мора да се види во живо. Така, во сабота во Битола бендот ќе приреди спектакуларна забава, што всушност и се очекува со оглед на нивното богато музички портфолио. Партибрејкерс никого не оставаат рамнодушен, во борба се со сите, но се подеднакво почитувани на целиот Балкан, и тоа повеќе од три децении. Харизматичниот водач, Зоран Костиќ, попознат како Цане Партибрејкерс, e човек кој потекнува од белградскиот асфалт и нема влакна на јазикот. Тој е борец за правда кој секој нов ден укажува на реалното секојдневие во кое живееме, а битолчани ќе имаат можност да го запознаат од блиску.”-изјави на денешната прес конференција по повод започнувањето на фестивалот Златко Талевски, извршен директор на Младинскиот културен центар Битола.

Фестивалот “Битола отворен град 2015”е дел од битолско културно лето “Битфест”.

“Заради атрактивноста на главните звезди, како и заради традицијата главниот музички хепенинг на фестивалот “Битола отворен град” да го посетува над 4.000-на публика од земјата и странство, годинава се очекува уште поголем број фанови што уште еднаш ќе го потврди статусот на главниот настан во сабота кога настапуваат “Партибрејкерс”како најмасовен музички настан во Битола секое лето.”-рече денеска на прес конференција Сашо Додовски, директор на Младинскиот културен центар Битола.

 

Денеска во рамките на фестивалот се одржа Музичка интерактивна работилница пред Домот на АРМ во Битола. Работилницата, која беше отворена за сите љубители на добриот звук ја модерираа музичарите Зоки Конга и Александар Јонациќ. Утревечер во културниот центар Магаза со почеток во 21 часот ќе се одржи Меѓународна филмска ревија на која учестуваат млади филмски автори од Чиле, Шпанија, Молдавија, Кипар, Иран, Италија, Србија, Бугарија и Македонија. Филмската ревија ќе биде отворена со македонскиот филм “Пролог”.