Во кафеана се заканувал со пиштол, па завршил на кардиологија

Еден од тројцата млади кичевчани кои ноќта кон саботата со пиштол им се заканувале на гостите во кафеана во Македонски Брод, подоцна завршил во охридската болница поради срцеви проблеми, а другите двајца се приведени во полициската станица во Кичево, соопшти во неделата Министерството за внатрешни работи.

Според соопштението, на 10.12.2016 година околу 01,45 часот во Македонски Брод во угостителски објект влегле лицата Е.П. (21), А.В. (23) и Д.С. (25), сите од Кичево, и почнале да се расправаат со гостите, при што направиле оштетување на неколку маси и столици. Во еден момент Е.П. извадил пиштол непозната марка и го насочувал кон гостите, заканувајќи им се дека ќе пука и дека ќе ги убие.

После тоа сторителите го напуштиле местото на настанот.

Лицето идентификувано со иницијалите Д.С. и претходно бил во истиот угостителски објект и се расправал со сопственикот.

Наведените лица се приведени, но Д.С. поради срцеви проблеми е пренесен во Медицински центар „Свети Стефан“ во Охрид каде е задржан на лекување, додека Е.П. и А.В. се задржани во Полициската станица Кичево.

Од страна на полициски службеници извршен бил преглед во автомобил „БМВ“ со регистарски ознаки од Македонски Брод, при што во делот на совозачкото седиште и вратата била пронајдена рамка со осум куршуми калибар 9мм од непознато огнено оружје, кои со потврда се одземени од Е.П..

Лицата, со кривична пријава, по брза постапка ќе бидат предадени на Основен суд.