Охриѓанец, по расправија со сограѓанини, испукал кон него неколкупати, при што го ранил во нозете. Тој е приведен, а против него ќе биде поднесена пријавата за „обид за убиство“, соопшти полицијата.
Имено, доцна синоќа, СВР Охрид го приведе и од слобода го лиши Н.Т. (52) од Охрид поради постоење на основи на сомнение дека е сторител на кривичното дело „убиство во обид“.
Н.Т. е приведен по кратко време откако во 23 часот и 45 минути во полициската станица во Охрид беше добиено телефонско известување за случено пукање од огнено оружје во сендвичара „Пинк Пантер“ на улицата ,,Македонски просветители“ Охрид.
Тука пристигнал сега приведениот и забележувајќи го А.И. (33) од Охрид, настанала меѓусебна вербална расправија која набрзо преминала во жестока тепачка. Во еден момент, сега приведениот Н.Т. од предниот дел од појасот извадил огнено оружје за кое не поседува дозвола, го вперил кон А.И. и испукал еден проектил. Испукувањето се случило кога А.И. сакал да се отргне од Н.Т. и го фатил за рацете со цел да го оттурне од себе. Во тој момент се случило испукување на уште неколку проектили по што А.И.се здобил со тешки телесни повреди во пределот на нозете.
Лицето А.И. е пренесено во ЈЗУ Општа болница Охрид и по укажаната лекарска помош е префрлено во специјална болница „Св Еразмо“ Охрид за натамошно лекување.
По консултација со Јавен обвинител и по целосно расчистување на настанот, СВР Охрид против Н.Т. ќе поднесе соодветна кривична пријава.