СВР-Битола до ОЈО поднесе кривична пријава против А.М.(19) и уште три малолетници , сите од Битола, заради постоење на основи на сомнение дека во периодот септември 2014 – март 2015 година, во повеќе наврати, сториле кривични дела „тешка кражба“.
На 08.03.2015 година пријавените влегле преку затворена метална порта во дворот на куќа во Битола и со делување врз патент брава на вратата од влезот , влегле во истата и одзеле два паричници со 20 000 евра, злато со тежина околу 400 грама во вредност од околу 10 000 евра и четири пара обетки „Сваровски“.
Тројца од пријавените во периодот од 01-06.03.2015 година, преку балкон од куќа во Битола, со кршење на прозорецот влегле во дневната соба од куќата и одзеле два златни прстени. Истите на 07.03.2015 година, влегле преку ограда во двор од куќа во Битола, со употреба на алат насилно ја отвориле вратата од визбените простории, но го активирале сигурносниот алармен систем со што биле спречени во намерата и го напуштиле местото. Ноќта на 07/08.03.2015 година, со употреба на физичка сила ја отвориле влезната врата од црквата „Св.Ана“ и „Св.Петка“, сопственост на МПЦ и од метална кутија за доброволен прилог одзеле парични средства во вредност од 220 денари. На 08.03.2015 година со насилно кршење на прозорец влегле во куќа , извршиле пребарување во просториите , оштетиле една блиндор врата и одзеле бакарни садови.
На 27.02.2015 година , еден од пријавените, во програмерска фирма, на дрзок и безобзирен начин, од лице од Битола одзел кожна јакна, во која имало паричник со лични документи.
Пријавениот А.М., во текот на месец септември 2014 година, со употреба на физичка сила и алат делувал на катанецот од куќа, меѓутоа бил спречен во намерата од лице кое живеело во истата , по што истиот избегал во непознат правец.
Со сите извршени дела пријавените направиле материјална штета од околу 1 916 200 денари.