На граничниот премин Деве Баир запленети четири килограми марихуана

На граничниот премин Деве Баир царинските инспектори од Одделението за оперативни работи спречија обид  за шверц на четири килограми марихуанa.

Имено, во средата околу 20 часот, на излез од Македонија на граничниот премин Деве Баир пристигнал автомобил со бугарски регистарски ознаки управуван од 53-годишниот З.Ј., косовски државјанин.

При прегледот на возилото, од долната страна во пределот на резервоарот за гориво, царинските инспектори забележале дека  нешто е преправано. При контрола на внатрешноста на резервоарот, покрај горивото биле пронајдени и 20 вакумирани проѕирни кеси наполнети со наркотична дрога марихуана, со тежина од четири килограми.

Во разговор со осомничениот, утврдено е дека со патничкото возило со бугарски регистарски ознаки, кое не е негова сопственост, се упатил од Бугарија преку Косово кон Албанија каде била натоварена дрогата, со намера да ја пренесе во Истанбул – Турција.

Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното јавно обвинителство.