Народната банка од четврток ќе ги пушти во оптек новите апоени од 200 и 2.000 денари, а ќе ја повлече банкнотата од 5.000 денари.
Воведувањето на новите два апоени е прва промена што се спроведува по период од 20 години.
„Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и на анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува баланс на побарувачката за одредени деноминации“, соопштија неодамна од НБРМ.
Во врска со повлекувањето на книжната пара од 5.000 денари од Народна банка објаснија дека нивната примена во секојдневните трансакции била незначителна, а од неа немале голема потреба ниту банките.
Наместо низ годините во оптек да се зголемува количеството на овие банкноти, тоа постојано опаѓало, и нивната употреба била на минимално ниво.