Американскиот амбасадор Џес Бејли, по изборите во неделата, не бил во просториите на Државната изборна комисија, како што јавија некои медиуми и се прашуваа што барал тој таму.
„Загрижени сме поради неточното известување што е во тек, а е поврзано со парламентарните избори, за кое се тврди дека американскиот амбасадор се меша во работата на Државната изборна комисија. Ова не е време за лажни вести или заговори. Јасно пишуваме дека амбасадорот на САД, Џес Бејли, не се сретна, не ги посети, ниту интервенираше во ДИК“, се вели во соопштението на Американската амбасада.
„САД ги поддржува правата на граѓаните на Република Македонија во демократски процес кој е отворен и транспарентен. Ова вклучува и преглед на жалби и приговори, во согласност со македонските закони“, додаваат од амбасадата.
Амбасадорот Бејли, по изборите, одржа прес-конференција во понеделникот попладне, пред објавување на првични резултати од изборите од ДИК, на која изрази задоволство од успешно спроведените избори, и ги повика и власта и опозицијата да се однесуваат конструктивно и да работат заеднички на реформите во земјата.