Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, нагласи дека ќе ги напушти своите бизниси пред 20 јануари „за да може целосно да се фокусира на функцијата претседател“.
Тој на Твитер објави дека неговите синови Дон и Ерик, заедно со другите директори, ќе управуваат со компаниите.
„Нема да се прават нови договори за време на мојот претседателски мандат“, напишал Трамп.
Новиот американски претседател оваа недела требаше да одржи конференција за новинари, во врска со иднината на неговата бизнис империја, но настанот беше одложен до следниот месец. Шон Спајсер, портпаролот на транзицискиот тим на Трамп, изјави дека на правниот тим му треба повеќе време да изработат план за организацијата на Трамп.
Тој ветува дека наскоро ќе одржи прес-конференција „на која ќе дискутира за бизнисот, за изборот на членови на неговиот Кабинет, и сите други теми од интерес“.