Трамп наговестува можен крај на политиката „една Кина“

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го постваи прашањето дали САД треба да ја продолжат политиката „една Кина“, што предизвика гнев кај кинеските државни медиуми.

Според оваа политика, САД има формални врски со Кина, а не со островот Тајван кој Кина го смета за отцепена покраина.

Овој принцип, со децении наназад, е од клучно значење за односите помеѓу САД и Кина. Трамп изјави дека не гледа причина зошто ова треба да продолжи без клучни отстапки од Пекинг, пренесува британски BBC.

Неговите коментари предизвикаа жестока реакција од кинеските државни медиуми. Во воведникот на  Глобал тајмс го предупредуваат Трамп дека „не може да се тргува со политиката една Кина“.

Ова доаѓа откако Трамп презеде телефонски повик од претседателот на Тајван, предизвикувајќи дипломатски спор и формален протест од Пекинг.

САД во 1979 година ги прекина дипломатските врски со островот Тајван и го призна суверенитетот на Кина како една територија.

Но, иако ги прекина официјалните дипломатски односи сепак САД со години одржува блиски неофицијални односи со Тајван.