Фаворитот на Трамп за државен секретар е соработник на Путин

Претставници на Републиканската партија ги отфрлија медиумските извештаи за тајната проценка на CIA според која Русија настојувала да делува во корист на Доналд Трамп  на претседателските избори во САД, а демократите бараат истрага и тврдат дека Трамповиот избор за нов шеф на Стејт департментот е „соучесник“ на Кремљ.

„Разузнувачите не се во право. Ова не се случило,“ изјави за CNN портпаролот на Републиканскиот национален комитет Шон Спајсер, пренесува AFP.

Спајсер вака го прокоментира пишувањето на New York Times за тоа дека американските разузнувачки агенции се „длабоко уверени“ дека руски хакери извршиле упад во компјутерските системи на Републиканскиот национлаен комитет, како и во организацијата на Демократската партија, но дека објавиле само податоци што ги украле од демократите.

Како реакција на ваквите тврдења, NBC, во неделата објави изјава од Трамповиот транзициски тим во која се вели дека  „истите луѓе говореа дека убиениот претседател на Ирак Садам Хусеин поседува оружје за масовно уништување“.

AFP наведува дека, и покрај се, сенаторот Чак Шумер, за кого се очекува во јануари да го води демократското малцинство во Сенатот, побарал истрага во американскиот Конгрес во врска со овие тврдења.

„Многу е важно нашата разузнувачка заедница да ги предаде сите релевантни информации за Конгресот да може да спроведе целосна истрага,“ рече Шумер.

AFP додава дека во текот на оваа дебата во американските медиуми се појавила информација дека претседателот и извршен директор на нафтениот гигант „Ексон Мобил“ Рекс Тилерсон, за кој оваа агенција тврди дека е бизнисмен поврзан со рускиот претседател Владимир Путин, е изборот на Трамп за функцијата државен секретар на САД.

Се очекува за некој ден Трамп и официјално да го кандидира Тилерсон за оваа висока позиција.