Муслимани и христијани протестираат против нападот врз коптската црква во Каиро

Стотици муслимански и коптски христијански демонстранти се собраа во катедралната црква во египетската престолнина Каиро, во која претходно во неделата беше извршен напад во кој загинаа 25 луѓе, а уште 49 се ранети, пренесува електронското издание на дневниот весник Al Ahram, а на социјалните мрежи се појавија видео материјали од експлозијата.

Муслиманските и христијанските демонстранти пред Коптската катедрална црква „Свет Марко“ во Каиро протестираат демонстрирајќи го единството и гневот поради нападот врз црквата. Повеќе демонстранти се обиделе да го пробијат полицискиот кордон околу црквата, при што дошло до помали кошкања со безбедносните сили, се наведува во извештајот.

Болниците Дар ел-Шефа и Универзитетската болница Аин Шамс објавија повик дека е неопходно дарување крв за големиот број повредени.

Безбедносен извор за Блискоисточната новинска агенција (MENA), експлозијата којашто одекнала пред малата коптска црква „Свети Петар и Павле“, непосредно до соборниот храм, била предизвикана од бомба со моќност од 13 килограми ТНТ.

За агенцијата претставникот на Коптската црква, Самуел Метиас рекол дека експлозијата се случила во просторот во кој седат претежно жени. Црквата „Свети Марко“ не била оштетена во експлозијата, додал.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси најави дека ќе биде прогласена тридневна жалост, за терористичкиот напад за кој засега никој не ја презема одговорноста.