Бројот жертви во нападот во Истанбул се искачи на 38, осомничена PKK

Бројот на смртно настраданите во терористичкиот напад во саботата вечерта во турскиот мегалополис Истанбул се искачи на 38 и 166 ранети, изјави во неделата министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу.

„Како резултат на нападот, според последните податоци, загинаа 38 луѓе. Од нив 30 се полицајци, седум се цивили, а идентитетот на едно лице уште не е утврден“, изјави турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу.

Ноќта кон неделата Сојлу по пристигнувањето во Истанбул за медиумите изјави дека најверојатно бомбаш самоубиец, покрај експлозијата на автомобил бомба, ја предизвикал една од двете експлозии во близина на стадионот „Водафон арена“ во европскиот дел од Истанбул, чија цел била автобус со полицајци кои го обезбедувале фудбалскиот натпревар меѓу Бешикташ и Бурсаспор..

Министерот, исто така, истакна дека „бројот на приведени под сомнение дека се вмешани во терористичкиот чин достигнал 13 лица, и оти постојат докази за вмешаност на Работничката партија на Курдистан во нападот“ (PKK).

Турција се соочува со низа на терористички напади во текот на изминатата година, вклучувајќи и неколку во Истанбул, за кои одговорноста ја преземаат џихадистичката Исламска држава и курдските милитанти. Во јуни, најмалку 41 лица загинаа, а околу 240 беа повредени во напад со Исламската држава на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул.