Една од експлозиите во Истанбул најверојатно ја активирал самоубиец

Бомбаш самоубиец најверојатно ја предизвикал една од двете експлозии во Истанбул во саботата вечерта, изјави за новинарите турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, кој ноќта кон неделата пристигна во Истанбул.

Според прелиминарните сознанија, имало две експлозии. Едната била детонирана спроти објектот „Сузер Плаза“ близу стадионот „Водафон арена“ на кој претходно се одигра фудбалскиот натпревар меѓу Бешикташ и Бурса. Втората одекнала во паркот Мачка, за која полицијата се сомнева дека ја активирал бомбаш самоубиец, изјави министерот.

Сојлу изјави дека во моментов се водат истражни дејствија, и се утврдува точниот број настрадани, но „ги има многу“, додаде и дека ќе го посети местото на настанот и лично ќе се запознае со наодите.

Од истанбулската полиција за медиумите одбиваат да коментираат.

Според податоците на телевизијата Al Jazeera Turk, која се повикува на безбедносни извори, во експлозиите во Истанбул чија цел бил најверојатно полициски автобус, загинале 15 луѓе. Агенцијата Reuters од свои извори објави за 13 загинати, додека телевизијата NTV јави за 38 настрадани.

Засега ниедна милитантна група или организација не ја презема одговорноста за овој бомбашки напад.