Бомбаш самоубиец убил во саботата најмалку 40 и ранил уште 70 јеменски војници во напад во база во близина на Аден, привременото седиште на владата којашто ја поддржуваат арапските сојузници и Западот, соопшти локален воен функционер.
Станува збор за уште еден во серијата напади врз силите кои ја имаат поддршката од воената кампања на арапските сунитски земји предводени од Саудиска Арабија.
Напаѓачот се разнел во периодот додека војниците чекале да ги подигнат своите плати, изјавиле за Reuters извори од владата.
Џихадистите од Исламската држава досега ја преземаа одговорноста за ваквите смртоносни напади врз војниците во Аден, јужен пристанишен град, кој е под контрола на војниците лојални на меѓународно признатата влада која е во егзил во Саудиска Арабија.
Саудиска Арабија во март 2015 година започна воена интервенција во јеменската граѓанска војна за да ги порази побунетите борци на шиитското племе Хути, кои ги поддржува Иран а се во коалиција со војниците лојални на соборениот во 2012 година претседател Али Абдулах Салех. Меѓутоа, досегашните илјадници воздушни бомбардирања во напади на саудиската коалиција не успеаја да донесат резултат и да ги потиснат противниците на претседателот АбдРаба Мансур Хади од главниот град Сана.
Досега загинале 10 илјади луѓе во судирот кој ја погоди оваа сиромашна држава на Арапскиот полуостров откако побунетите племиња ја обвинија централната влада дека не се справува со напредувањето на Ал Каеда.