Бројот жртви во железничката несреќа во Бугарија се искачи до седум

Бројот на жртвите во железничката несреќата што се случи во саботата рано утрото на влезот од железничката станица кај местото Хитрино се зголеми до седум, соопшти бугарскиот премиер во оставка Бојко Борисов ој пристигна на местото на несреќата во Шуменската област, во североисточниот дел од земјата.

Покрај тоа, повредени се уште 25 лица кои се згрижени во болницата во Шумен, од кои три се во критична состојба, кога се превртел воз кој превезувал течен нафтен гас и експлодирал. Борисов истакна дека се стравува оти бројот на жртвите ќе се зголеми дополнително.

Во експлозијата се уништени и дваесетина објекти. Главниот комесар на управата за противпожарна сигурност и заштита на населението Николај Николов истана дека пожарникарите на местото на несреќата излегле многу брзо, за 16 минути откако ја примиле дојавата.

„Во моментов на местото на несреќата се ангажирани 110 пожарникари. Нема опасност за населението“, изјави за медиумите Николов.

Несреќата се случила откако по излетувањето од шините неколку вагони од композицијата со 26 вагони цистерни со пропан-бутан и пропилен, експлодирале. Причините за несреќата засега се непознати.