Француската влада на седницата во саботата го прифати нацрт законот за продолжување на вонредната состојба којашто е на сила од терористичките напади на 13-ти ноември 2015 година во Париз до 15-ти јули 2017 година, по завршувањето на претседателските и парламентарните избори.
Владата „ќе побара од парламентот да ја продолжи вонредната состојба за уште седум месеци, поточно до 15-ти јули“, изјави премиерот Бернар Казнев, по седмицата којашто вонредно беше одржана во саботата.
Двата круга од претседателските избори ќе се одржат на 23-ти април и 7-ми мај, а на парламентарните на 11-ти и 18-ти јуни 2017 година.
„Тој период од предизборната кампања којшто, по обичај, ќе го одбележат многубројни состаноци и јавни собири, може за жал да донесе поголем ризик од напади“, предупреди поранешниот министер за внатрешни работи кој во вторникот ја презема премиерската должност по оставката на Мануел Валс.
„Второ, со продолжувањето на вонредната состојба по изборите му даваме на претседателот на Републиката и на парламентот коишто ќе бидат избрани на следните избори, доста време за процена на состојбата пред одлуката за евентуално дополнително продолжување“, додаде Казнев.
За предлогот во вторник ќе расправа Националното собрание, а во четвртокот горниот дом на парламентот Сенатот.
Вонредната состојба која претседателот Франсоа Оланд ја воведе на 13-ти ноември 2015 година по џихадистичките напади од 13-ти ноември 2015 година кога во Париз беа убиени 130 луѓе, а беше продолжувана четири пати, последен пат по нападот во Ница од 14-ти јули годинава со 86 мртви.