Шест полицајци убиени во бомбашки напад во Каиро

Шест полициски офицери загинаа а седум лица се повредени во петокот во експлозија на бомба поставена во канта за отпадоци близу полициски контролен пункт во египетската престолнина Каиро, соопштија државните медиуми и функционери.

Нападот се случил во секторот Талибија, во западниот дел од египетската престолнина. Експлозијата се случила веднаш по традиционалната петочна пладневна молитва, кога на улиците на Каиро го нема вообичаениот сообраќаен метеж.

Засега никој не ја презема одговорноста за нападот, но познато е дека екстремистичките групации изведоа голем број напади врз египетската полиција и војската откако во 2013 година влијателните вооружени сили по неисполнетиот ултиматум да се договори со секуларната опозиција исламистичкиот претседател Мохамед Морси и го забрани неговото движење Муслиманско братство.

Најголем дел од тие напади се изведени на полуостровот Синај, каде што дејствува групата Ансар Бејт ал-Макдис, или „калифатот Синај“, којашто е поврзана со ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.

Во еден од ретките џихадистички напади во Каиро, во јуни 2015 година во напад со автомобил бомба беше убиен главниот државен обвинител на Египет, Хишам Баракат.