Италија: Премиерот Ренци официјално ја поднесе оставката

Италијанскиот премиер Матео Ренци во средата вечерта официјално му ја поднесе својата оставка на претседателот на Републиката Серџо Матарела откако Италијанците во неделата на референдумот го отфрлија неговиот предлог за реформи.

Претседателот Серџо Матарела го замолил премиерот Матео Ренци да продолжи како вршител на должноста додека тој не го одржи консултациите со политичките партии за да се одредат следните чекори, соопштија од кабинетот на шефот на државата.

Консултациите започнуваат во четвртокот во 18 часот по локално време, а ќе траат до саботата попладне. Се очекува дека по нив претседателот Матарела ќе побара некој од кабинетот на Ренци или од неговата Демократска партија да се обиде да формира нова влада.

Следните парламентарни избори во Италија би требало да се одржат во 2018 година, но многу политичари повикуваат тие да се одржат порано.

Ренци најави дека ќе поднесе оставка ноќта кон понеделникот, откако претрпе тежок пораз на референдумот за уставните промени за коишто се залагаше.

Претседателот Матарела, чиишто овластувања вклучуваат именување на премиерот и распуштање на парламентот, побара од Ренци да ја одложи оставката до прифаќањето на државниот буџет за 2017 година во италијанскиот парламент, што и се случи во средата.

На референдумот во неделата речиси 60 отсто од избирачите рекоа „не“ за уставната реформа на Ренци којашто предвидуваше намалување на овластувањата на Сенатот каде што пратениците нема да се избираат непосредно, како и олеснување во носењето закони со укинување на обврската дека сите закони мора да ги одобрат двата дома на парламентот.