Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода којашто се случила во саботата во 21,145 часот на магистралниот пат Охрид -Струга во близина на бензинската пумпа „Бесјани“, информираа во неделата од СВР Охрид
Од здобиените повреди, во охридската Општа болница починал 37- годишниот Благоја Р. од струшкото село Мороишта, кој претходно во тешка здравствена состојба од местото на несреќата со возило на Брза помош бил префрлен во Општата болница во Охрид.
Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот, управувајќи патничко моторно возило „киа“ со струшки регистарски ознаки во правец од Струга кон Подмоље, изгубил контрола врз автомобилот и со предниот дел удрил во метална канделабра и ограда со бетонски столбови. Од силината на ударот, возилото се превртело на кров и излетало надвор од патот, информираше портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
По наредба на Јавен обвинител, на местото на сообраќајната незгода, увид извршиле полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид. Притоа, полициски службеник вршел наизменично регулирање на сообраќајот и немало застој во одвивањето на сообраќајот.
Според насоките на јавниот обвинител, врз телото на починатиот денеска ќе биде извршена обдукција и дополнително вештачење врз патничкиот автомобил.