На Табановце запленети 8 крг марихуана

Осум килограми марихуана од Албанија наменети за илегалниот пазар во Чешка запленија во саботата, македонските царински службеници од граничниот премин Табановце, соопшти во неделата Царинската управа.

Околу 15 часот во саботата, на  излез од Република Македонија, на граничниот премин Табановце – автопат, се пријавило патничко моторно возило марка „смарт“ со албански регистарски таблички управувано од осомничениот 56-годишен државјанин на Албанија.

И покрај тоа што пријавениот на вообичаеното прашање одговорил дека нема ништо за пријавување, царинските службеници се посомневале во одговорот, по што возилото било селектирано за преглед.

При прегледот на возилото, во задниот дел од левиот и десниот праг, во фабричка шуплина, царинските службеници пронашле вкупно 27 пакетчиња со различна големина, облепени со кафена селотејп трака наполнети со наркотична дрога – марихуана со вкупна тежина од околу 8  килограми.

Во разговор со осомничениот, утврдено е дека за паричен надомест од 4.000 евра, со лица од Албанија се договорил да пренесе поголемо количество дрога од Албанија за Чешка.

Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното јавно обвинителство.