Данска објави во петокот дека нема да ја продолжи шестмесечната мисија за своите седум борбени авиони од типот „F-16“ коишто учествуваат во операциите на меѓународната коалиција предводена од САД против ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (IS) во Сирија и во Ирак.
Оваа одлука е донесена три дена откако Пентагон потврди дека во воздушните удари во Сирија во септември, коишто ги изведоа американски, австралиски, британски и дански авиони, се убиени стотина војници на владата на Сирија, а официјален Дамаск обвини дека со овој напад им се овозможи на џихадистите од Исламската држава да заземат стратешки важна позиција. Американското министерство за одбрана појасни дека станува збор за серија недоразбирања, недостиг од прецизни разузнавачки информации од теренот и човечки грешки.
„Одлучивме да ги повлечеме данските борбени авиони како што беше планирано. Наместо продолжување на мисијата, испраќаме дополнителни 20 или 21 војник“, изјави за медиумите шефот на данската дипломатија Андерс Самуелсен по состанокот на парламентарната комисија за надворешна политика.
Данскиот министер за одбрана Клаус Хјорт Фредерискен, пак, изјави дека новите војници „ќе ги обучуваат ирачките сили, меѓу другото, и за операции на деминирање“,
Во втората половина од годинава Данска испрати седум авиони „F-160“, транспортен авион „C-130J“ и 400 војници, од кои 60 припадници на специјалните сили. Транспортниот авиони, исто така, ќе биде повлечен од операциите, соопшти владата.