Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти во петокот дека странски разузнавачки служби подготвувале кибернетички напад, чијашто главна цел била дестабилизација на рускиот финансиски систем, а според руските безбедносни служби жртви требало да бидат големите банки во Русија.
Според ФСБ, хакерските напади, чиј почетокот бил закажан за 5-ти декември, требало да бидат придружени со масовно испраќање СМС пораки и раширување на социјалните мрежи и блогови провокативни соопштенија во врска со кредитно-финансискиот систем на Русија, банкарскиот сектор и наводно одземање лиценци на водечките банки.
Од агенцијата истакнале дека операцијата требала да биде спроведена во неколку десетици руски градови.
Командниот центар на оваа операција за кибернетички напад врз рускиот финансиски и банкарски сектор бил во Холандија, во објект во сопственоста на украинската компанија „BlazingFast”.
Извор на централна руска банка појаснил дека банката е во состојбана на подготвеност за пресретнување кибернетички напади и заедно со експертите на ФСБ работат на неутрализација на заканата.
Од споменатата украинска компанија, која е осомничена од разузнавачките служби на Русија, потврдиле дека тие имаат клиенти во Холандија, и тоа главно странски, а многу малку руски и украински.
„Само што се појави оваа информација, и ние сега итно ги проверуваме сите овие информации“, изјавиле од украинската компанија „ВlazingFast“, за руската новинска агенција РИА.
Руските експерти од областа на кибернетичката безбедност за медиумите велат дека Русија е способна да се одбрани од странските сајбер напади, но предупредуваат дека ваквите закани не се однесуваат само на рускиот финансиски сектор, туку и на другите земји.