Европол во петок предупреди дека Исламска држава најверојатно ќе изврши нови напади на територијата на Европската унија, веројатно целејќи на членките на коалицијата предводена од САД која се бори против екстремистичките организации во Сирија и во Ирак.
„Податоците на поединечни разузнавачки служби укажуваат дека постои можност во Европа во моментот да се наоѓаат десетици лица поврзани со ИС, кои се способни да извршат терористички напади“, се наведува во извештајот на Европол.
Извештајот е изработен врз основа на податоците на разузнавачките служби, извештаите во медиумите, како и повиците на лидерите на ИС за напади, пренесува AP.
Европол укажува дека ИД има големо влијание на маргинализираната младина, од кои некои имаат ментални проблеми и лесно се убедуваат да извршат напад.
Се укажува и на тактиката која групата ја користи во Ирак и во Сирија, како што се автомобил-бомбите и предупредуваат дека тоа може да се примени и во Европа.
Нападите во Белгија и во Франција во последните две години покажуваат дека екстремистите кои делуваат во име на ИС може ефикасно да планираат сложени напади, констатира Европол.
Се истакнува и дека екстремиситите сега бираат „помеки“ мети, место симболични, како што се војската и полицијата, за што е доказ ланскиот напад во Париз.
Европол наведува дека случајните напади имаат големо влијание во јавноста и дека со тоа се остварува основната цел на тероризмот – заплашување на народот.
Во извештајот се наведува дека европските разузнавачки служби се на мислење дека „сајбер способностите на терористите сѐ уште се на ниско ниво“, но не треба да се исклучат.