Изумителот на Биг Мек-от почина во 98-та

Човекот кој стои во заднината на еден од најпознатите сендвичи во индустријата на брзата храна – „Big Mac“ на синџирот ресторани „McDonald’s“, почина на возраст од 98 години, пренесуваат во четвртокот агенциите.

Мајкл Џејмс Делигати го „измислил“ сендвичот „Big Mac“, односно двете плескавици во хамбургер печиво, коешто своето прво претставување го имал во ресторанот на „McDonald’s“ во Јунионтаун во американската сојузна држава Пенсилванија во 1967 година.

Во средата инаку, „McDonald’s“ на Twitter постави порака славејќи го и прославувајќи го придонесот на Делигати кон компанијата за брза храна каде што имал и франшиза.

„Денеска прославуваме 98 инспиративни години на изумителот на Big Mac-от, Мајкл ‘Џим’ Делигати. Ти благодариме Џим, ќе те паметиме засекогаш“, напиша компанијата.

Американските медиуми пишуваат дека Делигати починал во својот дом во Пенсилванија.

Во едно интервју за Reuters Делигати рече дека му биле потребни две години да ги увери во „McDonald’s“ во тоа дека Big Mac е добра идеја.

„Сметав дека ни е потребен голем сендвич. Но ништо не можевте да сторите доколку немавте дозвола“, рече.

Американската верзија на Big Mac има околу 540 калории, 28 грама маснотии и 25 грама белковини, според интернет страницата на „McDonald’s“.

Со текот на годините до израз дојде сеприсутноста на Big Mac-от, користен е да ја следи вредноста на странските валути во односи на американскиот долар во „Big Mac Index“, објавуван во списанието The Economist.