Повеќе од 50.000 цивили успеале да се извлечат последните четири дена од источните квартови на северниот сириски град Алепо кои се под контрола на опозициските и исламистичките бунтовнички групи поради напредувањето на владините сили, објавија во средата опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон и Обединетите нации.
Околу 20.000 цивили побегнале од деловите на Алепо кои се под контрола на милитантите и се засолнале во западните делови кои се под контрола на владините сили, изјави шефот на хуманитарната мисија на ОН, Стивен О’Брајан во соопштението издадено во седиштето во швајцарскиот град Женева во вторникот вечерта. Поради напредувањето на владините војски, се очекува овој тренд да се интензивира следните денови, се додава.
Организацијата SOHR во своето соопштение објави дека повеќе од 20.000 нашле засолниште во деловите на Алепо под контрола на владата, додека 30.000 влегле во енклавата Шеик Максуд која е под контрола на курдските сили во друг град во северна Сирија. Се оцените дека ова извлекување преку коридорите е производ на стратешкото напредување на владините сили во длабочината на деловите од вториот по големина сириски град кој е под контрола на бунтовниците.
„Интензитетот на нападите на населбите во источно Алепо во текот на изминатите неколку дена ги принуди илјадници цивили да ги напушат овие делови од градот“ се вели во соопштението на О’Брајан и се додава дека „Веројатно дека и илјадниците други ќе немаат поинаков избор отколку да ги напуштат овие квартови додека борбите продолжуваат да се интензивираат и да опфаќаат пошироко подрачје…“.
Натаму челникот на мисијата на ОН за Сирија изразува „длабока загриженоста за застрашувачката ситуација“ во Алепо.
Сириската армија помогната од провладините локални милиции и доброволци од регионот по две години борби во Алепо оствари значителен напредок во источните делови, преземајќи ја контролата над клучните населби. На почетокот од офанзивата пред нецели три седмици, беа објавени коридори преку кои цивилите можат да бидат извлечени од опсадените квартови, а милитантите беа повикани преку други коридори слободно со своето вооружување да го напуштат безбедно градот.