Членот на екипажот на авионот, на компанијата Лумиа, кој во ноќта помеѓу понеделникот и вторникот, се урна во централна Колумбија, Ервин Тумири е еден од шестмината патници кои ја преживеаја трагедијата. Тој рекол дека во авионот настанала вистинска паника кога тој започнал да паѓа.
Авионот кој летал од Бразил кон Колумбија превезувал 77 патици, меѓу кои и фудбалерите на бразилскиот клуб Шапикоенсе. Тројца фудбалери, двајца членови на екипажот и еден новинар ја преживеаја несреќата.
Леталото, како што рекол Тумири, започнало да паѓа неколку минути пред слетувањето на аеродромот во Меделин.
Како што рекол тој, во авионот настанала вистинска паника, луѓето почнале да скокаат од своите места, на сите страни се слушале врисоци.
Тумири преживеал бидејќи во клучните моменти останал мирен и се придржувал до безбедносните процедуруи.
„Ставив торби меѓу нозете и се наместив во положба на фетус, што се препорачува во ситуациите кога е загрозена безбедноста во авио сообраќајот“, им рекол Тумири на спасувачите кои го пронашле жив во распаднатиот авион.
За разлика од него, стјуардесата Химена Суарес, на локалните медиуми им рекла дека светлата се изгаснале кога леталото започнало да паѓа.
„Понатаму на ништо не се сеќавам“, рекла Химена Суарес. Повеќе медиуми пренесуваат дека пилотот Мигел Кирога ги испразнил резервоарите во моментот кога му станало јасно дека авионот со кој управува ќе се урне. Ги испразнил резервоарите за да спречи експлозија со што би ги зголемил шансите некој да преживее.
Токму поради тоа шестмина ја преживеале трагедијата. Сепак оваа информација не е официјално потврдена од колумбиските власти, кои истражуваат зошто авионот не експлодирал кога удрил во тлото.
Познато е дека авионот пред да почне да паѓа направил неколку круга околу местото на кое подоцна се урнал. Поради ова истражителите веруваат дека механички или технички проблем ја предизвикал трагедијата и дека едноставно пилотот не бил во можност да го приземји леталото.