Исламисти се обиделе да го убијат претседателот на Филипини

Најмалку седум лица од обезбедувањето на филипинскиот претседател Родриго Дутерте се повредени во нападот на исламисти. Нападот се случил воочи посетата на Дутерте, на подрачјето каде се водат борби помеѓу владините сили и исламистите.

Нападот врз претседателот на Филипини, Родриго Дутерте, бил извршен со експлозивна направа, која била поставена на патот кон Марави, по кој се движела претседателската колона.

„Камионот во кој било обезбедувањето на претседателот налета на импровизирана експлозивна направа. Немаше никаква вооружена борба“, соопштиле од безбедносните сили.

Повредените биле префрлени в болница. Во конвојот се наоѓале и членови на медиумскиот тим на претседателот, но меѓу нив нема повредени.

Безбедносните служби апелирале до претседателот Дутерте да ја одложи посетата, но тој го одбил барањето и рекол дека ќе оди во Марави и тоа по истиот пат по кој се движел нападнатиот конвој.