АБА Лига: Пораз на МЗТ Скопје кај Игокеа

Кошаркарите на МЗТ Скопје и по промената на тренерската позиција на која дојде Анте Назор,забележаа во неделата во Лакташи уште еден пораз во регионалната АБА лига каде беа поразени од домашната 

Игокеа со 72-79 (16-20, 13-12, 21-23 и 22-24)

Кошаркарите на МЗТ Скопје се надеваа дека на гостувањето кај ривал кој е сличен според својот потенцијал можат да забележат успех и да го попрвата својот биланс на табелата, но сепак, кај Игокеа покажаа дека уште не функционираат како синхронизиран тим. По почетните поени на двете страни домаќинот направи серија од 12-0 која скопјани до крајот се обидуваа да ја надоместат, само на моменти заканувајќи се.

Сепак, по тајмаутот на Назор, МЗТ започна да ја намалува предноста на Игокеа, така што по првата четвртина домашниот тим имаше предност од четири поени (20-16). Продолжувајќи со ваквиот ритам, МЗТ Скопје успеа да дојде и до водство кон средината на втората четвртина (29-26), но веднаш дозволи домашните кошаркари да направат серија од 6-0, по што на полувремето се замина со предност за Игокеа од три коша (29-32).

Третата четвртина донесе израмнета игра, но домаќините го контролираа резултатот со повремени серии по кои во еден момент ја кренаа разликата на девет поени (48-39). Следуваше серија на МЗТ Скопје, на во последната делница скопските кошаркари влегоа со заостанување од пет поени (50-55), а по три минути игра успеаја да дојдат до израмнување (55-55). Игокеа повторно возврати и го врати водството на три минути пред крајот на 71-64, но на шеесетина секунди пред последната сирена МЗТ дојде на само минус два (71-73). Во следниот напад Игокеа поентираше, а по тајмаутот на Назор македонскиот првак направи почетничка грешка и се оддалечи од шансата да забележи гостинска победа, па мечот заврши со конечните 72-79.

Дреновац со 17 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, го следеа Симоновски со 15 и Скот со 12 поени.