АБА Лига: Соколите од Карпош ја надиграа Цедевитa

Во натпреварот од 11-то коло од регионалната кошаркарска АБА лига, тимот од скопската населба Карпош, која досега забележа само една победа и тоа против лидерот во натпреварувањето подгоричка Будуќност, во саботата вечерта во својата сала пред само 300 гледачи ја порази загрепска Цедевита со 89-81 (25-12, 20-22, 21-20, 23-27)., која беше четвртопласирана.

Почетокот на мечот не ветуваше ништо поразлично од досегашното прикажано од тимот на Карпош Соколи во регионалното натпреварување, освен моменталниот  блесок против Будуќност. До шестата минута се играше изедначено, а потоа до пред крајот на првата четвртина домаќините направија серија од 13-0, со која со убедлива предност ја започнаа втората. Во петта минута од втората четвртина Соколи ја достигна најголемата предност од 16 поени (36-20), а до крајот на првото полувреме успеаја предноста да ја задржат на безбедни 12 поени (46-34).

На почетокот од третата четвртина Цедевите се чинеше дека се враќа вомечот, но тогаш возврати хрватскиот интернационалец во редовите на скопјани постигнувајќи четири „тројки“ за четири минути. Истовремено Зековиќ, Вркиќ и Лабовиќ ја консолидираат играта под својот кош, па гостите третината ја добија со само еден поен, со што Соколи успеаја со солидна предност да влезат во последната четвртина.

Во оваа делница Цедевита набрзо успеа да ја преполови разликата на 67-61, кога реагираше тренерот на „карпошани“ по што Лабовиќ со две реализации успеа да ја врати двоцифрената предност (71-61). Сепак падот на концентрацијата кај домашните им овозможи на загрепчани опасно да се приближат на само три поена (75-72) на околу две минути пред крајот. По еден реализиран напад на двете страни, на минута до крајот Дарко Соколов реализираше удар за три поена враќајќи ги надежите во конечен успех на својот тим. Играчите на Цедевита, за среќа, по тајмаутот не успеаја да се соземат и со серија грешки практично ја заверија победата на Карпош Соколи, само втора досега во АБА лигата, но која може да ја донесе неопходната доза самодоверба и дрскост кај играчите на вториот скопски тим во регионалното натпреварување.

Драган Зековиќ со 23 поени и Зоран Вркиќ со 19 кошеви но и 8 скокови и 6 асистенции беа лидери кај Карпош Соколи, а беа помогнати од Ламовиќ со 16 и Мавра со 12 поени. Кај Цедевита Рајан Боатрајт постигна 23 а Филип Крушлин 12 поени, додека Џејмс и Араповиќ, од кого се очекуваше многу повеќе, уфрлија по 20 кошеви.

Во саботната програма во АБА лигата беа постигнати уште и следните резултати: Морнар – Крка 86-73 и Партизан – Мега Лекс 86 – 79.

Во недела МЗТ Скопје Аеродром ѝ гостува на Игокеа, ФМП ја пречекува Будуќност, а во Загреб се игра хрватскиот дуел меѓу Цибона и Задар.

Колото ќе биде заокружено во понеделник во Љубљана, каде што Олимпија го пречекувал лидерот на табелата белградска Црвена ѕвезда.