Најмалку две лица загинале а 33 се ранети во четвртокот во напад со автомобил бомба на југот од Турција, изјави гувернерот на Адана, Махмут Демитрас кој потврди дека минираното возило било паркирано во близна на влезот од неговата канцеларија.
Експлозијата на автомобилот се случила во 6,05 часот утрото по локално време, а според гувернерот Махмут Демитрас првичните информации говорат дека за нападот е одговорна жена, додавајќи дека биле идентификувани регистарските таблички на возилото.
Според министерот за енергетика Барат Албајркак, во експлозијата се повредени уште 33 лица, а оштетени се и повеќе други возила и зградата на седиштето на гувернерот.
Турскиот министер за европски работи, Омер Челик, исто така пратеник од Адана, на Twitter објави дека станува збор за „проклет терористички напад“. „Во името на човештвото, ќе се бориме до крајот против тероризмот“, порачува Челик.
Адана, градот со повеќе од милион жители, се наоѓа на стотина километри од сириската граница. Во неговата близина се наоѓа воздухопловната база „Инџирлик“ која ја користат авионите на меѓународната коалиција која ги бомбардира позициите на џихадистите од Исламската држава во Сирија и во Ирак./крај/мф/сн