Трамп реши: Гувернерката Хејли ќе биде амбасадор во ОН

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, одлучил  гувернерката на Јужна Каролина, Ники Хејли, да биде американски амбасадор во Обединетите нации (ОН), објавија американските медиуми.

Според извори на кои се повикува CNN, официјална најава за транзиција на функцијата се очекува денес попладне. Весникот Charleston Post & Courier беше првиот што ја објави веста во текот на ноќта.

Хејли, ќерка на индиски имигранти, самата си го пробила патот кон врвот, имајќи предвид дека таа е прва жена гувернер во нејзината држава, а исто така и прв гувернер што доаѓа од етничко малцинство.

Хејли претходно беше остар критичар на Трамп, појавувајќи се во јавност во текот на предизборната кампања  во име на Марко Рубио, и силно го поддржуваше сенаторот Тед Круз откако сенаторот од Флорида испадна од трката.

Односите меѓу Хејли и новоизбраниот претседател Трамп се далеку од пријателски, и двајцата разменија вербални „куршуми„ еден на друг во текот на трката за Белата куќа.

Трамп, во јануари, изјави дека ставот на Хејли во врска со имиграцијата е „слаб“, откако гувернерката на Јужна Каролина ги поздрави соодветно проверените легални имигранти во нејзината држава, без оглед на нивната раса или религија.