Војниците на силите на сириската влада напредуваат во операцијата за заземање на источните квартови на северниот град Алепо, пишува електронското издание на весникот Al-Watan, наведувајќи воени извори.
Според весникот, сириската војска во вторникот направила пробив од обиколницата Џундал кон плоштадот Баидин, при што имала поддршка од палестинската бригада Лива ал-Кудс, којашто извршила напад од правецот на поранешниот палестински бегалски логор Инзарет.
Истовремено сириската артилерија ги гранатирала позициите на милитантите во квартот Маскин-Ханано. Според Al-Watan, овој квартал има стратешко значење односно го опфаќа преминот длабоко во источниот дел на градот од северната страна. Борците на радикалната исламистичка групација Џебхат Фатах ал-Шам, поранешната Џебхат ан-Нусра односно сирискиот крило на Ал Каеда, се обидуваат да ја задржат контролата над оваа населба, и ги зацврстуваат позициите во квартот, пишува весникот.
Сириските сили претходно успеале да заземат пет позиции кои овозможуваат напредување во Маскин-Ханано и да продолжат со напредувањето.
Командата на сириската армија претходно во вторникот ги повика вооружените групации во источните населби на Алепо да престанат да ги користат цивилите како жив штит и да им овозможат на цивилите да ги напуштат источните делови од градот пред нејзиниот решавачки напад.
Во соопштението коешто го пренесе сириската службена агенција SANA, сириската војска ги повикува вооружените групи „да ги деминираат премините кон хуманитарните коридори, отворени за доставување храна и продукти за населението на коешто му се неопходни“. Во објавата се укажува дека во прв ред евакуирани треба да бидат ранетите и болните.
„Сириската армија располага со прецизни информации за местата на кои се концентрирани милитантите, магацините и командните штабови. Војската ги следи сите нивни активности“, се наведува во соопштението во кое цивилното население се повикува „да соработува со армијата и да ги напушта своите домови само во крајна нужда“. Војската апелира до цивилите „да се држат настрана од објектите кои ги држат бандитските групи“.
Истовремено на бунтовничките борци повторно им е понудена амнестија, доколку „го положат оружјето и се вратат на нормалното живеење, сфаќајќи дека крвопролевањето е бескорисно“.
Жестоките судири продолжуваат околу јужното предградие Шеик-Саид, каде што се водат борби меѓу владините сили и групацијата Ахрар ал-Шам. Според информативниот портал Surya al-Ain, еден од командантите на групацијата Абу Харис бил убиен во напад на сириската војска. Се известува и дека биле уништени неколку единици оклопни возила и теренски возила опремени со тешки митралези.
На западот од Алепо цел на нападите на владините сили било предградието ал-Манур и приградските населби Рашидин-4 и Рашидин-5.