Црногорското министерство за правда побарало од Србија испорачување на три лица, Предраг Богичевиќ, Немања Ристиќ и Милош Јовановиќ, обвинети за организирање на дел од криминалната група која подготвуваше терористички напади на изборниот ден во Црна Гора, 16-ти октомври, пренесуваат српските медиуми.
Од државните органи на Русија, исто така е побарано и сослушување на руските државјани Едвард Владимирович Широков и Владимир Николаевич Попов, кои се товарат за лидери на криминалната организација, чија цел било да предизвикаат крвопролевање и трајна дестабилизација на Црна Гора.
За учеството на Русите во оваа акција отворено говорел Александар Синѓелиќ, српски државјанин и осомничен како еден од лидерите на планираниот терористички напад во Црна Гора, а кој се наоѓа во притвор во црногорскиот град Спуж. Синѓелиќ исто така говорел и за учеството на функционер на црногорскиот опозициски Демократски фронт (ДФ) во планирањето на реализацијата на терористичкиот план.
Претставниците на ДФ, пак, повеќепати оценил дека наводниот терористички план е режија на црногорските власти, поради обезбедување на поволен исход на парламентарните избори кои беа одржани на 16-ти октомври. ДФ исто така се заканиле со бојкот на работата на Собранието, но и улични протести, доколку истрагата во врска со терористичкиот план се покаже како неповолна за овој политички сојуз.