Рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека Русија е загрижена од проширувањето на НАТО и дека земјата ќе биде принудена „адекватно да реагира“, пренесуваат руските медиуми.
Изјавата на Путин била дадена во филмот на Оливер Стоун „Украина во оган“, кој во понеделникот премиерно се прикажува на рускиот канал Рен ТВ. Коментирајќи ги случувањата во Украина и анексијата на Крим, Путин изјавил дека би настанале доста тешки последици доколку САД и НАТО би направиле воена база на Севастопол.
„Доста тешки, поради тоа што базата сама по себе не значи ништо. Затоа ние така остро реагираме на ширењето на НАТО, нас нѐ загрижува праксата на донесување такви одлуки“, рекол рускиот претседател.
„Кога земјата ќе стане членка на НАТО, тешко и е да и се спротивстави на таква голема земја лидер на НАТО, како што е САД. И потоа таму може да се појави било што, од систем на противракетна одбрана и нова база, до ново офанзивно наоружување. А ние што да правиме?“, навел Путин.
Според него, Русија мора да преземе контрамерки, односно да ги постави како цели на своите ракетни системи, оние објекти кои ќе започнат да и се закануваат.