Федон Папамихаил добитник на специјалната „Златна Камера 300“, објавени програмите на 37. фестивал „Браќа Манаки“, за затварање македонскиот филм „Златната петорка“

Денеска во Битола ја објави целосната програма на годинешеното 37. издание на фествалот што ќе се одржи од 10 до 17 септември. 

Десет различни филмски програми, 150 филмови, од 50 земји во светот, награди за животно дело, годинава, за двајца великани на светската кинематографија, Роби Милер и Џон Сил, 14 врвни кинематограферски остварувања во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300, кои, Благоја Куновски – Доре ги селектираше главно од водечките светски филмски фестивали во Кан, Берлин и Венеција. Тој, годинава како директор на фестивалот рече дека тој ќе биде реализиран, на најдоар можен начин и со позитивна енергија.

-Тоа и’ го должиме на публиката, бидејќи меѓу неа и фстивалот има посебен флуид, а тоа е програмата, таа и гостите се најважниот сегмент на фестивалот. Годинава, ѕвезди се кинематограферите и ние сме горди што имаме дури три врвни светски кинематограферски имиња.

Што се однесува до програмата,  во Главната компетиција „Камера 300“ ќе бидат пркажани 14 филмови чиј што избор е направен главно од фестивалите во Кан, Берлин, Венеција, а по еден и од Карлови Вари, Ротердам и Гетеборг.

Притоа видлива е доминацијата на европскиот филм за што алиби имаме во започнатата соработка со МЕДИА, но и натаму остануваме фестивал на светските кинематографери.

Од аспект на кинематограферите, ја продолжуваме врската, континуитетот на застапеност на оние кои веќе учествувале на предходни наши изданија и се закитиле со награда, со што придонесуваме за нивната поголема светска афирмација, рече Благоја Куновски – Доре, директор на фестивалот на денешната прес конференција во Битола.

Тој нагласи дека најмалку седуммина од кинематограферите од главната програма ќе бидат гости во Битола

На гала отварањето на фестивалот, на 10 септември, фестивалската публика ќе ја види македонската премиера на филмот „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија, а екипата на филмот ќе се поклони пред битолската публика.

Фестивалот ќе го затвори премиерата на новиот македонски игран филм „Златната петорка“, кој ќе биде прикажан надвор од конкуренција. Се работи за  една историско-современа интерполирана морална драма, во режија на Горан Тренчовски, во која искусниот кинематографер Апостол Трпевски, адекватно оптимално ја оформува визуелната атмосфера.

 

Интернационалното жири ќе го предводи американскиот кинематографер и режисер Федон Папамихаил, кој, воедно е и годинашен добитник на Специјалната Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност. Членови се: Клер Пијман, кинематограферка од Холандија, Алин Ташчијан, филмска критичарка и претседателка на Меѓународната асоцијација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ, Ѓокан Тирјаки, кинематографер од Турција и Владимир Самоиловски, кинематографер од Македонија.

Друштвото на филмски професионалци на Македонија (ДФРМ), наградата „Голема Ѕвезда“ за исклучителен придонес за македонската кинематографија ќе му ја додели на светски познатиот продуцент Сајмон Пери, кој го продуцираше најуспешниот македонски филм “Пред дождот“.

Годинешново 37. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ја доби поддршката од програмата МЕДИА на Креативна Европа на Европската комисија. Оваа програма финансиски го поддржува европскиот филм, неговата промоција, дистрибуција и развој. Фестивалот „Браќа Манаки“ за прв пат добива финансиска поддршка, во висина од 40 илјади евра од МЕДИА, главно наменета за фестивалската програма Перспективи на европскиот филм., која на фестивалот ќе се прикажат вкупно 30 наслови.

– Со оваа програма ја потврдуваме нашата доследна ориентација и неизбежна посветеност на европскиот филм, како богатство од културни, уметнички, јазичко-креативни различности, во единечните кинематографски искуства, но обединети во географската припадност на општиот феномен на европски филм, чии искуства и перспективи ќе ги потврдуваме и истражуваме. Изборот за разновидни филмови од богатиот европски кинематографски простор се, како и секогаш, бројните европски фестивали од каде што со нашето присуство и соработка, оптимнално се создаваат услови за поголем увид и побогат избор на најквалитетните филмски дела, рече Куновски.

Во Документарната програма публиката на фестивалот ќе види десет филмови од најновата светска продукција.

– Сите десет документарни наслови го содржат режисерскиот концепт на ангажираност кој антиципира присутност на актуелниот момент во постоењето на акцијата и немирот на протагонистите, рече Гена Теодосиевска, селектор и уметнички директор на Фествалот.

Програмата „Мак Поинт“ секоја година има своја верна публика од авторите од Македонија, но од година на година се’ повеќе гости на Фестивалот и од странство се заинтересирани да ја проследат,  за да добијат слика што се продуцира во филмската уметност кај нас.

Затоа и годинава со исклучителна одговорност ги претставуваме поновите остварувања на филмските автори од Македонија, со кратки играни и документарни филмови и еден целовечерен игран филм.

Годинава филмска Земја во фокус е Турција. Турската кинематографија се докажа како филмска индустрија која во последната деценија постојано се развива и расте.

Кинотеката на Македонија и годинава се вклучува во програмата на фестивалот со програмата 45 години Македонски анимиран филм.

Публиката на Фестивалот „Браќа Манаки“ ќе има ретка можност да се запознае со најдобрите остварувања од последната едиција на филмскиот фестивал Golden Apricot“, кој се одржува во Ереван, Ерменија.

И годинава ја одржуваме традицијата на Студентската програма која ќе ни овозможи поглед во делата на идните филмаџии од регионот.

И децата ќе уживаат на „Браќа Манаки“,  за нив е подготвена Детската програма, придруженa со изненадувања кои ќе бидат поттик за развој на нивната креативност.

На фестивалот ќе се одржат дури три мастер класи на врвни светски имиња на кинематографијата, меѓу кои е и оскаровецот АланСтарски, кој ја рабптеше сценографијата на филмот „Шиндлерова листа“, потоа изложба посветена на Роби Милер, а ќе се одржи и конференцијата на ИМАГО, на која ќе пристигнат повеќе од 55 учесници, планирани се и други придружни содржини на фестивалот.

Годинашното фестивалско мото ја слави светлината, филмската уметност и градот Битола и гласи – „Movie On – Feel the light, Feel Bitola“  (Почувствувај ја светлината, почувствувај ја Битола), а за визуелниот идентитет на фестивалот е заслужна агенцијата „Ефектива“. (Видео спотот

Тимот на Ефектива беше задолжен за осмислувње на логото , слоганот на фестивалот и комплетен визуелен идентитет Соединувајќи ги модерните дигитални технологии и јазикот на традиционалната уметност, тимот  креираше уникатна визуелна приказна.

Директорот на Центарот за култура во Битола, Борче Димитровски, истакна дека Центарт за култура во Битола е во нераскинлива врска со фествалот “Браќа Манаки“, што носи и посебна одговорност, особено во делот на техничките перформанси и логистиката

– На развојот на фестивалот, ние секоја година парираме со подобрување на техничките перформански, како што беше набавката на дигиталната опрема, што ги издигна  проекциите на ниво на светските фестивали, а кое го потврдија гостите кинематографери. Веќе е завршен системот за ладење во Центарот, за за догодина планираме набавка на современа аудио опрема, рече Димитровски.

Претставничката на Општина Битола, Евгенија Бекташ Јосифовски, истакна дека општината отсекогаш го поддржувала фестивалот, а годинава издвоила буџет од 5- 6 милиони денари, за хотелско сместување на гостите, заедно со јавните претпријатја, потоа150 000 денари за печатење на промотивни материјали и 250 000 денари за ДФРМ.