Во рамките на Културното лето Новаци 2015 во салата на општината се одржа излжба на фотографии и електронски разгледници „Убавините на Новаци“ на младиот битолчанец Мартин Николовски. Покровител на оваа изложба е градоначалникот Лазар Котевски а исто така поддржана од Министерството за култура на РМ преку проектот „Топол културен бран“.
На изложбата беа претставени 30 фотографии од целата територија што ја опфаќа општина Новаци, како и 15 електронски разгледници кои што општината ќе може да ги користи за промоција и развој на туризмот.
„Целта на оваа изложба е поголема промоција на општина Новаци и убавините со кои располага општината. Иако е рурална сепак има многу значајни културно-историски споменици кои вредат да се посетат, а преку оваа изложба сакав да придонесам во развојот на рурален туризам. Овие фотографии се дело на Сашо Ристевски, а додека пак електронските разгледници ги подготви Владимир Видановски. Она што го опфативме во изложбата се филмскиот мост во село Зовиќ, куќата на Калеш Анѓа, францускиот пат од втората светска војна, караулата на Др. Рајс и костурницата на Кајмакчалан, манастирот Пресвета Богородица во Новаци, но не ги изоставивме и природните убавини на општината. Во оваа општина се наоѓа и најголемиот производител на електрична енергија тоа е РЕК Битола како и двата рудници за ископ на јаглен Суводол и Брод – Гнеотино“ – изјави Мартин Николовски, автор на проектот.
Општина Новаци веќе трета година по ред го организира Културното лето, а во изминативе години понуди бројни културни настани, изложби на фотографии, промоција на книги, концерти на бројни групи, фолклор и народно творештво, стенд ап комедија и други содржини. Овие настани се финансирани од проектот „Топол културен бран“ на Министерството за култура на Република Македонија, градоначалникот Лазар Котевски и локалната самоуправа.