Во најновата таканаречена 25 “бомба„ од Велес, која ја презентира Панче Иванов, претседател на СДСМ-Велес, беа изнесени обвинувања за коалициско пазарење за судски одлуки, меѓу кои и за случајот „Сопот“.
Во разговорот за кој СДСМ тврди дека е меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и директорот на ДБК, Сашо Мијалков, се зборува за судскиот предмет „Сопот“, дека нешто било договорено при формирањето на Владата, но ништо конкретно.
Разговорот продолжува со договарање на пресудата за „Сопот“, а барањето од коалициониот партнер ДУИ е ослободителна пресуда.
Наводно гласот на Мијалков вели:„Блерим ме бара, ургенции во судство, значи по судовиве, за повеќе предмети. Меѓу другото и за „Сопот“. Кажи ми ти на мене сега, тоа што, ние договаравме нешто за „Сопот“. Дали нешто договоривме?“, а наводно женскиот глас кој треба да е на Јанкулоска вели: „Види, ништо прецизно не договоривме, оти таму нели за „Сопот“ они правеа комисија во Собрание. Значи, како анкетна комисија… И доаѓаат цела комисија, значи институционално они беа кај мене. За волја на вистината ништо немаше во кабинет документи, што е нормално, све однеле. И они со тие као, со наодите од анкетната комисија, оти и си сослушуваа, Бучко го викаа, таму не знам некој друг, Хари ли беше, кој беше, не се сеќавам…“.
Мијалков се надоврзува: „Да и Бучко рекол: Гониме невини луѓе.“, а Јанкулоска: „И врз основа на тие изјави, зошто реално кај нас у МВР немаше никаква документација за тоа, све е исчистено. И они врз основа на тоа, бараа повторно отварање на случајот. И ние кога преговаравме нели…за разни работи, они го спомнуваа. И не им дадовме никакво ветување демек ќе го отвориме-не го отвараме, него ќе видиме каква е фактичката состојба. А ова со доаѓањето, со анкетната комисија беше пред Изборите 2011-та. Оној Хајрула Мисини им ја водеше комисијата. Така да, да бидам прецизна ништо конкретно им немаме ветено“.
Мијалков заклучува дека се тие бараат ослободително. „Јас зборев сега со судство, таму може да се направи и вака и така. Сега што да правиме?“
Јанкулоска додава дека треба Мијалков да процени што ќе им донесе тоа. „Тие скапаа, тие што се во затвор скапаа во затвор, што сега“.
Потоа двајцата разговараат дека едвај се сеќаваат на случајот, а знаат само дека `Пољаци нагазиле`.
Наводно гласот на Јанкулоска вели: „Е па што, имаат уште…или некако некое помилување да биде…“, а Мијалков „СМ: Уште 4 години, ха, ха, ха.“, „Ама добро, знаеш, не се малку 10 да ги одлежиш во затвор, ха, ха. А 10, а 20 биле, не ги броиш после 10. Нешто ако може со помилување, со намалување на казна, со предвремено пуштање, нешто така да се направи.“
Во разговорот се слуша дека коалициските партнери од ДУИ сакаат да произлезе дека е тоа политички монтиран случај, за што двајцата соговорници заклучуваат дека тоа и да било монтирано, било во време на СДСМ, во 2003 година, а пресудата е во 2006 година.
„Не знам, може треба за ова да збориме и со Премиерот.“, „ Па можда не лошо да, мислам ти…види што све му е на овој на листата…“
Сопот е судски предмет во кој селани од кумановското село Сопот одговараат за тероризам, односно поставување мина на пат на која нагази НАТО џип со полски војници и наши државјани.
Со првата пресуда за експлозијата од мина што се случи кај Сопот во 2003 година при што загинаа двајца полски војници од силите на НАТО и еден цивилен придружник, беа осудени 11 лица од селото. Шест лица, беа осудени во отсуство. /крај/мф/бб
Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.