Ние сме од УЧК и пренесете им на сите дека ниту Ахмети, ниту Груевски не може да ве спасат. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви Охридски договори. Повеќе никој не смее да дојде навака. Доколку вас или некој друг фатиме повторно, ќе ве ликвидираме, им рекле напаѓачите на четворицата полицајци од кaраулата Гошинце коишто биле заробени ноќта во вторникот.
Според официјалните информации на Министерството за внатрешни работи, ноќеска околу 2.30 часот по полноќ, поголема група од околу 40-ина лица ја нападнале караулата Гошинце што се наоѓа во близина на северната граница.
Напаѓачите, според МВР, биле добро вооружени и носеле маскирни униформи со ознака на УЧК и меѓу себе комуницирале на албански јазик.
При нападот на караулата заробени биле четворица полицајци кои во моментот биле дежурни во караулата. Напаѓачите ги разоружиле, тројца од нив ги врзале со лисици, а еден дури и го нападнале.
Лицето кое ја предводело групата им се обратило на полицајците на албански јазик преку преведувач кој зборувал лош македонски јазик со србизми. Им дале на полицајците време од околу половина час да си заминат пеш од караулата и им се заканиле дека ќе ги ликвидираат ако ја напуштат караулата порано.
Го зеле оружјето коешто го нашле во полициската станица и радиоврските и им ги искршиле мобилните телефони на полицајците.
По половина час, еден од полицајците кој не бил врзан, станал и зел клучевите од лисиците коишто биле оставени на земја блиску до нив, ги одврзал колегите и пешки се упатиле кон патот надолу. Одејќи по патот слушнале долг рафал од автоматско оружје.
Според првичните информации на полицијата, лицата се од Косово, но се преземаат мерки за обезбедување дополнителни докази.
„МВР презема мерки за целосно расчистување на случајот. Во овој момент поради активностите кои се преземаат на терен и кои се исклучително сериозни не би можеле да одиме со дополнителни информации“ изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи.
По информациите кои се појавија во медиумите за нападот на полициската станица во Гошинце, ова е официјалната верзија на МВР. По прес-конференцијата, не беа дозволени новинарски прашања, а Котевски овој напад го квалификува како терористички напад. „Република Македонија односно државните институции утринава беа цел на терористички напад“, рече Котевски на почетокот на прес-конференцијата./крај/мф/ффс
Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.