Целта на Комисијата за верификација на фактите не е да расчисти со неправдите од минатото, туку на неправеден и незаконски начин да ги санкционира сите оние, коишто и пречат на актуелната власт, обвинија во среда од СДСМ од Битола, при објавувањето на т.н.19 `бомба` од прислушувани разговори.
„Во првиот разговор од овој сет ќе слушнете како лустраторите од комисијата за лустрација, или како што вели Јанкуловска „Томе, со таа бандата“, биле повикани во кабинетот на Никола Груевски“, рече Васко Ковачевски, Претседател на ОО СДСМ Битола, пратеник. „Во вториот разговор, помеѓу Никола Груевски и Гордана Јанкулоска, ќе слушнете како заклучокот на претседателот на Комисијата за лустрација, битолчанецот Томе Аџиев, се усогласувал со Мартин Протоѓер, шеф на кабинетот на Никола Груевски“.
Машки глас, за кој се претпоставува дека е на премиерот Никола Груевски прашува: „ Горде, помина ли заклучокот на Томе Аџиев вчера?“, а потоа женски глас, наводно на Гордана Јанкулоска, додава: „Не е страшно, ќе го поминеме следната седница, а во меѓувреме тие што се побитни институции, нели вечер имаме состанок, ние, Архивот…јас ќе се чујам, денес планирав, со двајцава…“,
„Последните два разговори коишто ќе ги слушнеме денес се помеѓу Антонио Милошоски и Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на факти. Овие разговори потврдуваат се’. Ќе слушнете како Милошоски договара со Аџиев на кој начин да биде спроведена постапка за лустрација. Во вториот и последен разговор се’ станува јасно. Лицето за кое Милошоски бара да биде спроведена постапката за лустрација е всушност судија од Кичево. Замислете, причината, како што вели самиот Милошоски, е затоа што судијата правел многу големи проблеми за власта во Кичево“, рече Ковачевски.
Машкиот глас, наводно на Антонио Милошоски вели: „Значи човекот се вика Живко Туфегџиев, од Кичево е и поднел иницијатива за сомнение за судијата Драги, Драги Билевски од Кичево… И многу големи проблеми ни прави, дел од корупцијата во градот…, а другиот глас, наводно на Томе Аџиев, одговара: „Ќе го спроведиме, ќе го спроведиме ние… Ќе го пуштиме сега веднаш со сите…“
„Вистината за Македонија носи нова енергија, ново светло за идината на Македонија. Да не дозволиме повеќе ова зло, оваа катастрофа за Битола и за цела Македонија да се повтори“, вели Ковачевски.