Општина Новаци прослави 19 години постоење

Општина Новаци денеска прослави 19 години успешна работа и опстојување. Празнувањата започнаа викендов со свечена приредба  со која беше одбележан патрониот празник на ЦОУ „Славко Лумбарковски“. Во весела атмосфера учениците имаа подготвено навистина многубројни интересни точки а денес организираа отворен ден. Отворен ден беше организиран и во општина Новаци за многубројните гости и пријатели на оваа локална самоуправа.

„Денеска го одбележуваме денот на општина Новаци и 19 години постоење.Чествувањата започнаа со прослава на патрониот празник на ЦОУ „Славко Лумбарковски“ од Новаци а продолжуваат со отворен ден и спортски активности во училиштето. Потоа се положи цвеќе на гробот на бранителот Пеце Матичевски кој е родум од Новаци а загина во конфликтот во 2001 година. Во 13 часот имаме закажано свечена седница на советот на општина Новаци и свечен коктел за сите наши гости. “ рече Лазар Котевски,градоначалник на општина Новаци.

На свечената седница на Советот пред советниците, општинската администрација и многубројните медиуми,Котевски посебен акцент стави на развојот на општината и многубројните проекти планирани за следниот период.

„Овој ден го прославуваме од 1996 година и денес задоволно можам да кажам дека постигнавме многу. Успеавме со многу работа и вложен труд да направиме општина која стана пристојно место за живеење и каде што подобрувањето на условите за живот се наша приоритетна определба, успеавме да ја спречиме миграцијата село-град, започна да се зголемува наталитетот, во значителна мера ја подобривме инфраструктурата, донесовме чиста вода за пиење во сите села, ги асфалтиравме сите локални улици и патишта, а годинава ќе реализираме два големи капитални проекти, префрлањето на хидросистемот Стрежево преку река Црна и спроведувањето на паарното греење од РЕК што ќе овозможи развој на оранжериското производство во Пелагонија“,  вели градоначалникот Котевски.

Општина Новаци како единица на локалната самоуправа постои од 1996 година и е составена од трите поранешни општини Новаци, Бач и Старавина.

„Порано пред да се спојат трите општини имавме буџет од околу 50 000 евра.Денеска тој буџет ние поголем па така имаме можност да направиме многу повеќе за изградба и подобрување на инфраструктурата во општината, односно за подобрување на животот на населението во Општина Новаци при што таа од рурална полека прераснува во ирбана средина. “ рече Пецо Мицевски, претседател на советот на општина Новаци.

Делегација од општина Новаци положи свежо цвеќе и пред бистата на Славко Лумбарковски во дворот на училиштето кое го носи името на овој херој. Организирано беше полагање цвеќе на гробот на Пеце Матичевски, бранител кој го даде својот живот во конфликтот во 2001 година .

Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски за своите гости подготви свечен прием и пригоден коктел во општинската сала.