Фондот за здравствено осигурување на Македонија информира за новите олеснувања за остварување на правото на исплата на боледувања и породилно отсуство, реализирани во рамките на Владиниот проект „Побрза исплата на надоместоци за боледување и породилно отсуство“.
Од 15 март годинава, стапија на сила измените на Законот за работни односи со кои се овозможува Фондот, на осигурените лица на кои им престанал договорот за вработување на определено време, да продолжи да им го исплаќа надоместокот на плата, за време на породилното отсуство. Доколку работодавецот не им го продолжи договорот за работа, тие имаат право на надоместок од Фондот, за породилно отсуство за негово целосно времетраење.
За сите нови барања за породилно отсуство поднесени од 16.03.2015 година, важат досегашните законски одредби за остварување на правото, но сега со загарантиран надоместок за лицата вработени на определено време.
Следно предвидено олеснување за осигурениците, кое е во собраниска процедура, се однесува на тоа дека Фондот ќе продолжи да го исплаќа надоместокот за боледување или породилно, без оглед кога и дали работодавецот го исплатил придонесот за здравствено осигурување за останатите вработени во фирмата. Накусо, тоа значи дека доколку осигуреникот е на боледување или породилно, Фондот стекнатото право ќе го применува целосно, за разлика од сегашното решение, кога исплата на надоместокот зависи од навремената уплата за здравствено осигурување на сите вработени.