СДСМ до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески.
„Кривичната пријава произлегува од тврдењата во јавно објавените разговори на министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска“, рече Васко Ковачевски, пратеник и претседател на ОО СДСМ Битола.
Тој потсети дека во своето признание, Ставрески го нарекува Талески „тежок криминалец“ кој потпишал, „коруптивен до даска договор“.
„Станува збор за договор за превоз на ученици, од јуни 2010 година, во кој договорените цени се дури 10 пати повисоки отколку пазарните цени. Очекуваме Обвинителството да постапи согласно законите. Немаме доверба во судството поради контролата на власта над правосудните органи но ние го почитуваме законот и Уставот и сакаме да оставиме трага од сите овие процеси“, додаде Ковачевски.