Наводни телефонски разговори на претставници на власта за изборни нерегуларности, купувања гласови, носење луѓе од Преспа и Пустец во Центар, издавање документи на луѓе на иста адреса по 40 и повеќе и други методи беа обелоденети со денешната седма ткн. `бомба`што ја објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Главни „актери“ во овие „местења“ се гласовите кои опозицискиот челник ги идентификува како премиерот Никола Груевски, шефот на неговиот кабинет Мартин Протогер, министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт Миле Јанакиески, за здравство, Никола Тодоров, за поранешниот министер за земјоделство Љупчо Димовски и други.
Во првиот сет од петте снимки кои ги презентираше лидерот на СДСМ, Зоран Заев се слуша како гласот за кој се тврди дека и’ припаѓа на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска признава дека во станови од 40 квадрати се сместени по 50 луѓе од Пустец.
„Ќе слушнете разговор меѓу Груевски и Јанакиески, во кој Никола Груевски за загубата на ВМРО-ДПМНЕ во Центар констатира, цитирам: „Прв круг да ни беа преспанците, ќе завршевме работа“.
За истиот случај Јанакиески, наводно, нарачува да се јавуваат кај учителките да им се заблагодарат што гласале и за да победи ВМРО-ДПМНЕ во Центар да обезбедат уште еден глас.
„Ќе слушнете признанија од разговор со Јанакиески дека во општина Гази Баба едни исти луѓе од Свети Николе се водат на повеќе адреси во општината и гласааат по неколкупати. Ќе слушнете разговор како службеничка во МВР и Јанкуловска во мали села ставале и по 40 луѓе во една куќа“, рече Заев пред да ги објави снимките.
„Се вршат притисоци преку инспекции на УЈП, се одземаат лиценци на такси компании, Јанакиески упаѓа на откупни пунктови, се врши притисок на земјоделци што примиле субвенции, на луѓе кои живеат од социјална помош. Се притискаат административците, вработените во јавните претпријатија…“, појасни челникот на социјалдемократите во врска со снимките.
„Ќе обелодениме најбезобразни притисоци врз земјоделците, администрацијата, социјално загрозените. Ќе видите како ги злоупотребувале пензионерите, како масовно ги злоупотребувале институциите од позиција на власт и ќе станете сведоци за нечовечките притисоци што одат до одвратни закани за завршување на семејства ’во ендек’“, рече Заев.
Во телефонските снимки се слушаат наводни наложувања да се гласа со триаголниче наместо со заокружување на бројката, за да се познава кој и колку гласал, но се нарачува и да се фотографира гласачкото ливче за да се докаже дека било гласано за ВМРО-ДПМНЕ.
Од денеска Заев најави циклус објавувања на прислушувани телефонски разговори во кои се планираат, како што истакна, „грабежите во изборните циклуси во Македонија“, но тие да се објавуваат во Универзалната сала, затоа што седиштето на партијата на поранешната улица „Бихаќка“ е претесно да ги собере новинарите и поддршувачите на СДСМ, кои се таму при секое објавување прислушување разговори.
Од пуштените снимки се слуша како гласови од разговори за кои Заев тврди дека се на Мартин Протугер со Емил Стојменов, Мартин Протугер со Влатко Мијалков и Драган Павловиќ Латас со Зоран Коњановски, како се организираат програмски шеми и се коментираат гостувања на премиерот на телевизиите.
„Ќе слушнете за договарањата со Канал 5, како се реализира интервју на Сител со Груевски и се договараат емисии кои треба да се пуштаат на МРТВ телевизија“, вели Заев.
Секако, рече тој, не изостанува и притисокот врз Државната изборна комисија (ДИК) за изборните списоци, на ден на избори се иклучуваат телефони на членови на СДСМ.
Јанкулоска, во наводниот нејзин телефонски разговор, признава дека „нејзиниот кат“ во МВР е претворен во месен комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а амбасадорите се носеле само во салата да виделе дека сé е во ред.
Како најдрско беше оценето тоа што во разговор меѓу наводните Јанакиески и Протугер тој се заканува на претседателот на Фудбалскиот сојуз дека тој, неговата сопруга и децата „ќе му се најдат во ендек, ако прави проблеми“.
Заев вети дека ќе продолжи со објавување на како што вели, вистината за македонија, за ова никогаш повеќе да не се повтори./крај/мф/бб