Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во таканаречената шеста бомба, пуштена во понеделник, објави снимки од разговори кои докажуваат што всушност мислат министрите за финансии и за внатрешни работи, Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска за премиерот Никола Груевски и зошто се тие најприслушувани негови соработници.
„Што да кажам, мислам онака уплав да те фати. Коа гледам вака колку шо, буквално тој термин шо го употребуваат комуњариве, забегани, тој е тој“, вели министерката Јанкулоска во разговор со Ставрески, а наводно се однесува на Груевски.
Ставрески смета дека се лудаци, затоа што трошат пари на споменици и култура, на „филмови од Столе Попов“, а Јанкулоска се чуди како плата да подели на полицијата.
Се договараат и за тоа како да се најдат пари за плати и за плаќање комуналии од полицијата, кога Буџетот е празен, па предлагаат намалување на платите за 5-10 отсто, а Ставрески предлага и да се отпуштат 500 души.
Ставрески признава и дека Груевски го тера незаконски да земе кредит од 700 милиони евра, се чуди зошто порачал 100 слики за во Археолошки музеј, зошто се прават мегаломански работи, а Буџетот е празен.
Ставрески открива и дека градоначалникот на Битола,Владимир Талески, направил коруптивни договори за бесплатен превоз на ученици со „Транскоп“ и со приватните превозници.
Јанкулоска пак, во разговор со Ставрески открива дека полицијата тепала на протестите во Општина Центар, а за тоа реагирал евроамбасадорот Аиво Орав.
„Ако толку им било неиздржливо на Јанкулоска и Ставрески во Владата на Груевски, зошто не заминале? Затоа што Груевски и Мијалков ги следеле, знаеле што зборуваат , имале со што да ги уценуваат да останат во Владата?! Тое е потег што секогаш можат да го направат.“, резимира Заев.
Тој ветува дека се ќе откријат до крај и дека „ова зло што го нанел и го нанесуваат Никола Груевски и неколку сорабтоници околу него, никогаш повеќе да не се повторат. /крај/мф/бб