Во најновите објавени снимки од лидерот на СДСМ, се слуша, како што тврди Зоран Заев, како премиерот Никола Груевски нарачува кај министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, да се урне објектот што го гради Фијат Цаноски, лидер на Партијата за европска иднина (ПЕИ).
„Веднаш по изборите во 2011 година и по затворањето на А1 телевизија, по директна нарачка на Никола Груевски се урива објектот ’Космос’ на Фијат Цаноски. Целта е одмазда кон Цановски. Груевски лично ја контролира акцијата за уривање на објектот до земја. Груевски сугерира инсталации во судството, договара манипулации за да се оправда пред меѓународната заедница“, тврди Зоран Заев.
Тој објави телефонски разговор, како што истакна, меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, во кој премиерот наводно нарачува промена на урбанистичкиот план и кажува кога треба да се урива објектот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Гласот за кој се тврди дека му припаѓа на Груевски смета дека најдобро на тој дел е да се предвиди и да се изгради парк.
Во друг разговор, Груевски му кажува на Јанакиески кој ден и да се изврши уривањето на „Космос“, па вели дека тоа треба да се случи на 1-ви август, бидејќи веќе започнуваат годишните одмори.
Во друг наводен разговор, министерот Јанакиески детално го известува премиерот за тоа како се одвива уривањето на објектот, дека тоа тешко оди, дека ангажирале тешка механизација, и дека имаат потешкотии затоа што многу бетон бил турен во првите три спрата.
На крај Груевски вели дека штом дел од објектот е урнат, а сето тоа го има на телевизиите, со експлозијата од динамит употребен за уривање, може да се прекине со натамошно уривање, затоа што ако Цаноски рекол дека повторно ќе гради, тогаш сам нека си урива.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања, рече дека поседува аудио снимка и за тоа што наводно „сè прифаќал премиерот Груевски за името на државата“, за гаснењето на А1 телевизија, за местењето на изборите, дека има снимки и од разговори на најмалку шест амбасадори од најважните амбасади, но дека сетоа тоа етапно ќе биде пласирано во јавноста.
„Дел од медумите не нè следат, па дури и МТВ која имаме законска обврска да пренесе наши ставови е една од причините поради кои одиме чекор по чекор. Втора работа е народот да го дознае, чекор по чекор, целото злосторство што му се случувало овие години. Кога ќе слушне до каде одел човекот, што се прифаќал ќе видите колку ни е загрозена и државата и народот“, рече Заев.
Лидерот на СДСМ потврдно договори на новинарско прашање дека прислушувани биле и фиксни телефони,а контролирани се и меил адреси.
Посочи дека се ќе биде објавено што е од јавен интерес и за македоснкиот блок политичари и за албанскиот.
И покрај најавите за тоа какви се снимки поседува ниеден лидер на партија досега не му се јавил на Заев да побара да биде изземен од јавно објавување на снимките кои се однесуваат на него./крај/мф/бб
Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.