Координативното тело за спасување со кризи упати апел до сите граѓани да донираат на отворените телефонските броеви на Црвен Крст и колку што е можно повеќе да се помогне на загрозените подрачја.
Притоа, се апелира до граѓаните од загрозените региони, на кои им е потребна помош веднаш да се јават во Центарот за управување со кризи.
Координативното тело посочи дека од утре ќе отпочнат и активности за санирање на прекопот кој што беше извршен на регионалниот патен правец Битола-Новаци, со цел негово нормализирање и враќање во првобитна состојба.
Согласно најавите од УХМР, од утре под влијание на влажен бран од запад ќе има врнежи од дожд, а локално се очекува да наврнат над 30 л/м2 воден талог. На планините врнежите ќе бидат од снег. Претпладне врнежите ќе бидат поинтензивни во западните, а околу пладне и попладне во источните делови од земјава.
Повремено ќе дува засилен југоисточен ветер, особено во источните делови. Потоа следува период на променливо облачно време со локални врнежи претежно од снег. Од понеделник ќе биде значително постудено со засилен северен ветер.
Надлежните институции постојано се на терен во постојана координација и се превземаат сите расположливи мерки и ресурси, колку што е можно да се спречат несаканите последици како резултат на временските неприлики кои ја зафатија земјата во изминатиот период.