До денеска на телефонските броеви за донации собрани се 620.000 денари помош за настраданите од поплавите кои во изминативе денови зафатија делови од Македонија, а покрај тоа на сметка на Фондот за солидарноста се собрани дополнителни 6.300 денари.
Со хуманитарната акција за помош на поплавените собрани се средства за лична хигиена, вода за пиење, прехранбени продукти, кебиња и душеци. Како што информираат од Црвениот крст со донациите ќе им се помогне на околу 650 загрозени семејства, од кои на околу 300 семејства помошта им е веќе доставена.
Надлежните институции апелираа да не се пие водата во поплавените подрачја, а за таа цел се донирани над 50 илјади литри вода да пиење.
„Ги повикувам компаниите, со оглед на фактот дека во моментов има обезбедено вода за денешниот ден, во текот на утрешниот ден да донираат и очекуваме повторно една голема донација од страна на Пелистерка, а исто така во акцијата се вклучија и Горска и Кожуфчанка. Оочекуваме и сите производители на вода да се приклучат“, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Од денеска Црвениот крст отвори и донаторска девизна сметка на која можат да донираат граѓани од странство.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска апелираше до сите граѓани, приватни компании и приватни бизнисмени и стопанственици, македонската дијаспора и пријателите на Република Македонија надвор од државата да се приклучат кон хуманитарната помош и да дадат свој придонес на еден од телефонските броеви 070/075/077-143-400.
„Донациите засега се доволни за да се задоволат потребите на поплавените домаќинства, обезбедени се донации во вид на прехранбени продукти, облека, пакети за хигиена. Центрите за социјални работи во соработка со општините се на терен и прват увид во самите домаќинства коишто се погодени, до сега има околу 100 домаќинства коишто се во ризик и коишто се детектирани од страна на Центрите за социјални работи“, рече Спасов.
На овие семејства ќе им биде дадена и еднократна парична помош, а за истите ќе бидат одделени и голем број средства собрани од телефонските донации.
Владата ќе се откаже од ДДВ-то од пораките за донација на поплавените подрачја, а предлогот ќе биде ставен на дневен ред на следната Владина седница, а средствата од ДДВ-то заедно со другите ќе бидат наменети за санација на последиците од поплавите и создавање можности за враќање на лицата кои ги напуштале домовите./крај/мф
Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.