НОВИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА ОД ПОПЛАВИТЕ ВО ПЕЛАГОНИСКО

 

Регионалниот кризен штаб на денешниот состанок донесе повеќе заклучоци и договори конкретни активности за денешниот ден со цел да се спречат поголеми последици од поплавите во пелагониско. Денес најкритична состојбата кај Новаци:

„Проблемот ескалира затоа што оние делови од реката Црна кои што се излеваат и понатаму се шират и зафаќаат голем простор во Пелагонија. Она што можеме да го направиме е колку што е можно да ја пренасочуваме водата, да не доаѓа до населените места или барем помалку да направи штета. Претходните денови бевме сведоци на ескалација во општина Могила, сега тоа е во Новаци, а според претпоставките следните неколку денови може да се очекува удар и во неколку села во општина Битола. Со оглед на временските услови очекуваме поголеми количини на вода да се слеат во Пелагонискиот регион“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

На денешниот состанок на регионалниот кризен штаб во координација со првиот човек на републичккиот кризен штаб, министерот Миле Јанакиески беше донесена нова одлука:

„Десетина сантиметри има простор за прелевање на водата од она што го има кај Новаци, да дојде во населеното место во општина Новаци. Одлуката е донесена – ќе се пресечи патот кој води од Битола за РЕК за да може да се испушта притисокот на водата која што напаѓа на тој дел од регионот. На тој начин, водата ќе се пренасочува дури на другиот крај од Пелагонија. Будно ја следиме ситуацијата и кај селата Карамани Трн, како и од другата страна кај селата Егри, Оптичари и останатите“, рече градоначалникот Талески.

Активностите кои што беа договорени на вчерашниот состанок успешно се завршени, односно затворено е коритото на реката Драгор кон Карамани, подигнато е нивото кај Радобор кое исто така е критично место. Сите екипи се мобилни на терен и на тој начин се придонесува се она што зависи од човечкиот фактор да биде реализирано. Следниот состанок на регионалниот кризен штаб е закажан за утре во 10 часот.