Општина Новаци постојано ја следи актуелната состојба со поплавите кои доста често знаат да ги зафатат обработливите површини. Се интервенира на чистење на каналската мрежа и се преземаат засилени мерки заради најавеното зголемено количество на врнежи во следниот период.
Еден од најгорливите проеблеми е неисчистеното дно на речното корито на река Црна. Иако каналите се чистат редовно, неисчистената река Црна години наназад претставува вистински проблем за жителите на општините Новаци и Могила. Само системско и целосно чистење на оваа река може да ја намали опасноста од поплави во пелагонискиот регион.
„ Нивото на река Црна изнесува 2 метри а максимумот кој претставува аларм за опасност изнесува 3,5-4м. Но и покрај тоа што засега се е во ред ја следиме состојбата со каналите, а претходно спроведовме и акција на чистење на 9-от и 10-от канал, кои врват низ целата територија на општина Новаци.Затоа е неопходно детално чистење на дното на реката бидејќи не е чистено со години и е некаде околу 1-1,5 метар повисоко од основното.” изјави Лазар Котевски градоначалник на општина Новаци
Битолскиот регион на Пелагонија има околу 135 километри каналска мрежа. До оваа година се исчистени 105 километри, а деновиве фирма која не е од Битола го доби тендерот за чистење на преостанатата каналска мрежа, со што, почнувајќи од 2006 година, 135-те километри ќе бидат целосно исчистени. Од следната година, повторно ќе треба да се започне со темелно чистење, но во надлежност на Јавното претпријатие Битолско поле.
„Оваа година ќе се чисти 3-тиот, 4-тиот, Агларски канал и Ивањевски канал. До 2012 година каналите се чистеа со нафта од стоковите резерви во надлежнсот на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи“ рече Димче Јошевски, од дирекцијата за заштита и спасување.
Паралелно со чистењето на каналите, чиј надзор засега го врши битолското водостопанско претпријатие, се чистат и терцијалните канали со багери во селата од општините Могила и Новаци. По потреба, при поплави, во акциите се вклучуваат и битолските јавни претпријатија Нискоградба, Водовод и Стрежево.
Во меѓувреме, покрај природните фактори, човечкиот фактор има големо влијание во затнувањето на каналите. Жителите често пати ги користат како депонии и во нив фрлаат ѓубре.
„Не може некој да чисти а некој да затрупува. Имавме такви случаи, но свеста и совеста кај луѓето е на повисоко ниво и знаат дека тоа е за нив“ вели Котевски.
За реките во земјава надлежно е Министерството за животна средина. Според пишувањата на Дневник, годинаваМинистерството за животна средина најмногу нафта определило за градот Битола за чистење на речното корито на Драгор и на Црна Река. Општината веднаш доставила допис до министерството дека коритото на Црна Река не влегува во територијата на градот Битола и дека дел нафтата треба да се прераспредели на надлежните. Ваквиот допис го потврдиле и од Министерството за животна средина. Според сегашното темпо на испорака, можно е чистењето на Црна Река да почека уште речиси две години.
Според познавачите иако врнежливиот период е погоден за есенската сеидба дождовите ја одложиле седибата на пченицата како и бербата на пченката ..
Пред две години општина Новаци заради наглото топење на снегот и врнежливиот период мораше да се справува со поплави на 2000 хектари обработлива земјоделска површина.